Бородијанка пред војната била дом на 13.000 луѓе, но повеќето побегнале по руската инвазија. Она што остана од градот, по интензивното гранатирање и разорните воздушни напади, потоа беше окупирано од руските сили, кои влегоа на 28-ми февруари.
До омот на Оксана Костиченко се оди по тесен пат, кој води до нејзината цветна градина. Цветните леи се во целосна спротивност со сцените на трагичното уништување наоколу.
Во близина на нејзината градинарска шупа се наоѓа тело на маж кој лежи со лицето надолу со торба над главата и рацете врзани зад грб. Панталоните му се спуштени. Има големи модринки на левата нога и рана на главата.
До неговото тело има шрапнел или чаура.
– Тој беше застрелан во главата – изјави полицаец на украинската национална полиција. Тој немал никакви документи со себе, но властите на лице место велат дека е јасно оти тој бил уште една цивилна жртва во војната на рускиот претседател Владимир Путин.
Телото е едно од многуте неодамна пронајдени во градовите источно од Киев, окупирани од руските сили.
Јуриј Помин сè уште бил во градот кога започнал нападот.
– Најлошо беше кога пристигнаа нивните авиони. Ја прелетаа нашата куќа и фрлаа бомби – изјави Помин за Си-Ен-Ен.
33-годишникот денеска го средува својот стан на четврти кат. Катницата до него беше срамнета со земја од рускиот uar, а она што остана од неговиот имот го пресели во друга куќа надвор од градот.
– Не можам да останам овде. Не е безбедно – рече тој.
Едномесечната руска окупација остави разорна трага во градот.
Не само што беше речиси целосно уништен во нападите, со згради претворени во само купишта урнатини, туку и руските окупаторски сили користеа некои од куќите како свои бараки.
Костиченко и нејзиниот сопруг Олександ побегнале кога почнало гранатирањето, за сега да се вратат затоа што градот повторно е под украинска контрола од 1 април.
Додека нивниот дом беше навидум недопрен од силно гранатирање, внатре целосно беше превртен. Облека и празни шишиња биле на подот.
– Алкохолот е насекаде, празни шишиња во ходникот, под работите. Русите многу пушеле, гаселе цигари на масата. Постелнината ја користеле како своја – рекоа.
Поголемиот дел од мебелот бил или оштетен или уништен, како и нивниот телевизор. Ограбени се и околните продавници, скршени им се прозорците, а нивната содржина била украдена или фрлена на подот.
Буквата „V“, скратено од Восток (што значи „исток“ на руски) – и симболот што го користи Источниот воен округ на Русија заедно со буквата „З“, амблемот на таканаречената „специјална воена операција на Москва“, се насликани на згради, возила и контролни точки.
Локалната служба за невработеност и градското собрание беа претворени во штаб на руските трупи стационирани во градот.
Бородјанка беше почетна точка за руските единици додека напредуваа кон Киев преку предградијата како Буча и Ирпин. Тие се соочија со силен отпор на украинските сили и беа принудени да се повлечат.
Остатоци од уништената руска опрема сега се наоѓаат во десетици затрупани градови и населби низ главниот град, а рововите и артилериските позиции се речиси недопрени.
Властите воведоа полициски час низ регионот на Киев до 7 април, повикувајќи ги жителите да останат во затворени простории додека вршат операции за деминирање.
Москва негираше дека целела цивили, но доброволци соработуваат со полицијата за да ги соберат телата на убиените цивили кои се оставени да гнијат на отворено.
– Собираме луѓе кои беа застрелани од Русите. Цивили кои се мачени. Работиме два дена – изјави 45-годишниот Хенадиј Авраменко.
Си-Ен-Ен ги гледаше Авраменко и неговиот колега како го вадат телото на 44-годишен Украинец од автомобил. Тој бил погоден во срцето додека возел, а автомобилот удрил во канал покрај патот.
– Најлошо е што не наоѓаме војници, туку само невини луѓе. Без причина се застрелани – додаде тој.