Девет лица се потешко повредени, а десет полесно при превртување на автобусот што сообраќал на релација Белград – Стокхолм на автопатот А13 во Германија.

Несреќата се случи претпладнево, околу 10 часот, во близина на гратчето Шенвалд во Бранденбург. Во спасувачката акција се вклучени шест хеликоптери и над 60 возила нма Итната медицинска помош.

Во возилото со 34 седишта имало 19 лица од кои 17 патници и двајцата возачи на возраст од 21 до 64 години.

Портпаролот на германската полиција, Ралф Маер соопшти дека двајца германски државјани се потешко повредени во несреќата, додека идентитетот на останатите е непознат.

Според надлежните, сите тешкмо повредени лица се превезени со хеликоптери во болница.

Полициски извори, пак, соопштуваат дека автобусот се движел во правец на Берлин кога, од сè уште непознати причина, при исклучување од автопатот кон одморалиште, удрил во банкина и се превртел.

Тамошните медиуми јавуваат автобусот е на германски превозник кој денеска превезувал патници од Србија.

Медиумите во Србија, пак, јавуваат дека во автобусот се наоѓале седум српски државјани, шест од Германија, двајца од Израел и еден од Шведска.