По соопштението од МВР околу нападот на ракометарот Денис Тот денеска се одзва и Основното јавно обвинителство кое бара притвор за тројца осомничени, меѓу кои и една девојка, кои се сомничат за убиство на хрватскиот ракометар кој настапуваше за ракометниот клуб Бутел.
ОЈО соопшти дека постапува по добиеното известување од Министерството за внатрешни работи. Обвинителството издало наредби за обдукција, за обезбедување на видео записи од безбедносни камери „Сејф сити“ и ноќниот клуб, како и да се сослушаат повеќе лица кои сведочеле на настанот и можат да дадат податоци потребни за истрагата.
ОЈО во соопштението наведува дека по извршената обдукција на починатото лице, според првичните наоди, иако нема видливи повреди, смртта е насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесените удари.
„Врз основа на прегледаните видео записи идентификувани се три лица за кои предметниот обвинител по добивање на кривичната пријава ќе донесе Наредба за спроведување на истражна постапка, поради постоење на основано сомнение дека осомничените меѓу кои една девојка (19) сториле кривично дело Убиство од член 123 став 1 вв член 22 од КЗ. Двајца од осомничени се лишени од слобода и денес ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, додека по првоосомничениот кој е недостапен на органите на прогонот се трага и е распишан централен распис, се наведува во соопштението на ОЈО.
Со оглед на тежината на стореното кривично дело и запретената казна, како и заради непречено водење на постапката, обвинителството цени дека се исполнети законските услови за определување на мерка притвор.
Обвинителство наведува дека настанот се случил на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци.
Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле да го удираат по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот.
Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“.
Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал.
Вчера откако медиумите јавија дека ракометарот е во болница и дека наводно претходно бил претепан пред ноќен клуб, МВР излезе со соопштение дека ракометарот бил примен во болница без видливи траги на насилство. Потоа и директорката на КАРИЛ, Маја Мојсова во изјава за некои медиуми рече дека немало видливи траги на насилство.
Министерството за здравство соопшти дека ќе се спроведе вонреден инспекциски надзор за постапката за прифаќање и третманот на младиот ракометар. Ракоментарот вчера попладне почина во скопскиот Клинички центар.
МВР денес соопшти дека ракометарот претходно бил нападнат од три лица пред ноќен клуб во градскиот парк во Скопје и му биле нанесени удари по главата, по што паднал во бесознание.