Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која се враќа од Бугарија, вели дека од целата несреќа и тага денеска најтешкиот момент го доживеала во болницата, каде што се сместени единствените седум преживеаните патници од вкупно 52 во автобусот што изгоре изутрина во Бугарија.
Таа вели дека нашето обвинителство нема да дава и ќе се воздржува од изјави околу одговорност за несреќата, сè додека први соопштение не дадат нивните колеги од бугарското обвинителство. Обвинителството веќе прибира прибира документација за бугарското обвинителство и чека замолница од него за да може да врши паралелни акивности, во интерес на истрагата што се води таму.
„Затоа, јас на прашањата околу причините за несреќата, за тоа дали автобусите на ‘Беса транс’ биле редовно сервисирани, дали навистина во автобусот, што изгоре и што буквално се стопи, навистина биле превезувани канистри со нафта и за други детали што ме прашува вашата редакција и воопшто јавноста, нема да дадам ни потврден одговор, ни ќе негирам“, изјави Русковска за САКАМДАКАЖАМ.
Меѓу преживеаните, во шок и траума лежела во болницата жена која во тешката сообраќајна несреќа ја изгубила својата ќерка.
„Тешко беше да се гледаат тие луѓе, јас немам зборови. Трет преживеан го загубил целото семејство во несреќата. ‘Сакам кај моите да си одам’, зборуваше тој. Тажно!“, кажува Русковска.