Од Мото Клубот Вепар денеска на социјалните мрежи се опростија од нивниот клубски брат, Драган Арсов- Дражо кој синоќа трагично го загуби животот со сообраќајката која се случи во скопски Аеродром.

Министерството за внатрешни работи утрово соопшти детали за тешката сообраќајна несреќа која синоќа се случи во скопски Аеродром. Официјално, едно лице го загуби животот, а две се повредени.

Несреќата се случила 22.05 часот на крстосница на бул.„Јане Сандански“ со сервисни улици, во близина на маркет.

Учествувале мотоцикл „хонда“, управуван од Д.А.(24) од Скопје и автомобил „ауди А3“, управувано од Д.В.Д.(20) од Холандија и сопатник С.З.(20) од Холандија, и двете со скопски регистарски ознаки.

-На местото на незгодата починал мотоциклистот, а смрт констатирала екипа од Итната медицинска помош. Д.В.Д. и С.З. се здобиле со телесни повреди, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ и во Градска општа болница „Св.Наум Охридски“, информира МВР.

Увид на лице место извршила увидна екипа на СВР Скопје, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е предадено на обдукција.

Пријателите се простија од Дражо

– Драги другари, драги пријатели на моторџиството, со тешко срце сакаме да ве известиме дека синоќа во тешка сообраќајна несреќа почина нашиот клубски брат, Драган Арсов. Погребот ќе се оддржи утре (Сабота) во 12.00 часот на гробиштата во Лисиче. Воедно, околу 11 часот ќе тргне и поворка од Мото Клуб Вепар. Сочуство до фамилијата! Rest in peace, our brother!, порачаа од Мото клубот Вепар.

– Со огромна жал и неверување ја добивме веста за прерано згаснат живот на нашиот брат и член од Вепар фамилијата, Дражо 🥺😢 Беше пргав, како и се кој млад, секогаш насмеан расположен и хиперактивен. Сликава е од денот кога си го купи моторот, јас посреќен го немам видено. Сите ги натера да свртат еден круг, да му кажат колку е добар моторот, да му кажат дека не згрешил со изборот, се сликаше за да се пофали на сите дека има нов мотор, онаков каков што сакаше… Ќе те памтиме по насмеаното лице и ќе ни фалиш во фамилијата. Почивај во мир 😭😢