Во земјотресот од седум степени според Рихтеровата скала во југозападниот дел на Мексико, најмалку едно лице загина синоќа кога се урна столб, а зградите се оштетени при паѓање на камења, соопштија властите.

Епицентарот бил на околу 19 километри североисточно од одморалиштето Акапулко во државата Гереро. Околните ридови се тресеа, дрвјата беа соборени и големи карпи се тркалаа по патиштата.

Снимките што се појавија на социјалните мрежи покажуваат дека по земјотресот на небото над Акапулко се појави сина светлина.

Иако се појавија информации дека станува збор за експлозии на далноводи, можно објаснување е дека ова е природен феномен што се случува при посилни земјотреси.

Имено, кога тектонските плочи се тријат едни со други, се создава електричен полнеж долж вертикалните канали што може да патува до површината и во интеракција со атмосферата може да создаде светлина.

Центарот за предупредување од цунами соопшти дека не постои опасност од формирање на голем бран.

Мексиканските власти велат дека нема извештај за штетите од земјотресот, што предизвика прекин на електричната енергија во неколку држави.

Акапулко е оддалечен 375 километри од Мексико Сити.

Американскиот геолошки институт првично измери јачина од 7,4 степени, а подоцна ја намали таа вредност на седум. Земјотресот беше релативно плиток, само 12 километри под површината, што може да го засили неговиот ефект.

Мексиканската компанија за дистрибуција на електрична енергија објави дека 1,6 милиони корисници биле погодени од земјотресот во Мексико Сити, државата Мексико и државите Гереро, Морелос и Оахака.