Во Прилеп денеска е ден на жалост поради трагичната смрт на трите медицински лица кои вчера изутрината загинаа во тешка сообраќајна несреќа на патот Прилеп-Битола.
Одлуката е донесена на синоќешната вонредна седница на Советот на општината. Знамињата низ градот се истакнати на половина копје, а сите културни и спортски манифестации се одложени. Во несреќата загинаа радиологот примариус д-р Александар Ристески, гинекологот Никола Василески и Фанче Јованоска, радиолошки технолог, одејќи на работа во битолската болница Плодност.
-Загубата е огромна, пред се за семејствата на трагично починатите. Тие ги загубија своите најблиски, ние како болнца загубивме професионалци.
Несреќата се случи вчера утрината во близина на селото Лагово, а кои се причините истражува обвинителството. Телата на починатите се дадени на обдукција, се испитуваат примероци од крв и урина од возачот на камионот, а наредено е и сообраќајно-техничко вештачење. Според професорот од Техничкиот факултет во Битола Никола Крстаноски делницата Прилеп – Битола е црна точка во сообраќајот. Посочува на несоодветната сигнализација и малата прегледност заради обраснатата вегетација.
-Сигнализацијата не е соодветна. Ограничувањето на брзината на поголемиот дел од патот е 100 km/h и иако има испрекината линија, од времето кога е обележана хоризонталната сигнализација до сега има обраснато зеленило и вегетација покрај патот и прегледноста не дозволува безбедно претекнување, особено затоа што поголем дел од возачите возат и над 110 km/h.Може да се каже дека оваа делница Битола – Прилеп навистина е можеби и црна точка, се случуваат голем број сообраќајни незгоди, и тоа со смртни последици. Често возачите влегуваат во “ножички”, не успеваат да го завршат пристигнувањето и често доаѓа до такви опасни ситуации.-изјави – Никола Крстаноски – Сообраќаен инженер.
Според Крстаноски инспекторатот мора веднаш да направи увид на оваа делница. Во разговор за Канал 5, директорт на ДИТ Гајур Рушити рече дека ја имаат предвид последната сообраќајна несреќа и уште во понеделник вети дека инспектори ќе излезат на терен. Во меѓувреме уште една сообраќајка со смртни последици. 15 годишно момче од Куманово синоча загина на магистралата Куманово – Крива Паланка. Бил сопатник на 16 годишен мотоциклист при судир со бмв со албански таблици управуван од 37 годишник од Скопје кој потоа бил лишен од слобода.