Началникот на Одделот на воената полиција во Хрватска, Владо Ковачевиќ потврди дека попладнето од остатоците на беспилотното летало била извлечена црна кутија, која е делумно оштетена, додавајќи дека некои фрагменти укажуваат на можноста леталото да носело експлозивна направа.

„Пристапивме кон очигледните дејствија, но многу внимателно, како да требаше да оперираме око. Имавме пречки – електричен кабел во близина, големо дрво чии корени беа длабоко во земјата паралелно со леталото, а освен тоа имаше и претпоставка дека експлозивната направа можеби се уште е во трупот на леталото. Најважно е дека се извлековме и дека дојдовме до безбедносната кутија, таканаречената црна кутија“, изјави бригадир Ковачевиќ за Дневник на ХРТ.

Тој рече дека вештачењето ќе даде дел од податоците.

„Со денешниот разговор можеме да претпоставиме дека се работи за експлозивна направа што ја носи леталото, еден дел од фрагментите укажува на тоа, но се уште не сме сигурни во кој правец оди тоа, се ќе видиме до прва“, рече Ковачевиќ, објаснувајќи дека кога леталото има шпионска или разузнавачка намена, експлозивот не се користи, па се чини дека леталото било за друга цел освен разузнавачка, како што и досега се мислеше.

„Георадар ја направи снимката денеска и преку снимката ќе ги добиеме конечните податоци“, рече тој.