Тоше Проески беше еден од најомилените личности и пејачи на целиот Балкан, а тагата кај неговото семејство, колегите и публиката не стивнува и неколку години по неговата смрт. Новинарската екипа на српската емисија „Блиц дан“ го посети родното место на легендарниот пејач. Бидејќи не успеале да ги најдат неговите родители, тие разговарале со првиот сосед.
„Многу ни недостасува, беше голем човек со големо срце. Се сеќавам на него кога беше мал, а потоа порасна во вистински добар човек. Го видов седум часа пред да умре, разговаравме речиси два часа. Ми кажа дека гостувал на телевизија и дека после тоа ќе оди во Загреб. По телефон им јавиле на неговите родители дека починал. Не можевме да веруваме и сѐ уште не веруваме… Неговите родители се физички истрошени, не им е добро. Тагуваше цел народ, цел Балкан…“, рекол соседот.
Во сообраќајна несреќа во 2007 година трагично загина легендарниот пејач Тоше Проески. Пејачот го даде своето последно интервју само неколку часа пред неговата трагична смрт.
Иако сите го паметиме по неговата насмевка и ведриот дух, Тоше тој ден беше очигледно нерасположен и за прв пат изјави дека му е доста од популарноста и дека тешко се носи со славата. Потоа изјави дека би сакал да се повлече од јавноста, што ги изненади сите.
„Сакам, но не можам. Машината ме стави како што велат во барабан и толку. Нема враќање назад. Барам закрепнување од секојдневните интервјуа, шминка, бришење шминка, пакување. Патувања во Загреб, па назад, патување во Австралија… Тоа е сè што имам“, изјави своевремено Тоше и додаде: „Грешам, како и секој нормален човек, секој ден. Не сум безгрешен, светец или ангел, далеку сум од тоа, но далеку сум и од грдите приказни што ми се припишуваат откако сум славен“.