Три деца, близнаци, момче и девојка на возраст од седум години и син на возраст од четири години, синоќа беа задавени од сопствениот татко на таван од куќа во местото викано Млинови во северниот дел на Загреб, по што таткото се застрелал, јавува Јутарњи лист.

Тој преживеал и бил однесен во болница, а телата на три безживотни деца, од кои најмалото четиригодишно дете кое било во спалната соба и седумгодишните близнаци во дневната соба, ги шокирале сите службеници кои биле на местото на ова невидено злосторство.

Не е познато кој пријавил во полиција дека нешто се случило во станот на трикатната урбана вила со поткровје, но полицијата и брзата помош брзо пристигнале на местото на настанот. Во спалната соба го пронашле мртвото тело на четиригодишното дете на креветот, а близнаците, момче и девојка, во дневната соба, во која се наоѓале и нивните играчки со кои си играле претходната вечер.

– Како што неофицијално дознавме, родителите на децата се развеле и децата најверојатно викендот требало да го поминат со својот татко, кој ги задавил со свои раце, а по тој луд чин очигледно посегнал по оружје и се обидел да си пресуди. Засега не е познато во каква состојба се наоѓа, пишува Јутарњи лист.

Полицијата спроведувала истрага до раните утрински часови, а утрово телата на трите деца се пренесени во Институтот за судска медицина и криминологија, каде што обдукцијата ќе ја утврди причината за смртта.

Таткото на децата е искусен финансиски консултант кој дипломирал на угледен австриски универзитет и има магистрирано бизнис администрација, работел во некои водечки австриски лизинг компании, но и на менаџерски позиции во Роберт Бош АГ, Алкател АГ и други.