Шефот на украинската полиција во регионот Луганск, на исток, ја обвини руската армија дека вчера вечер го бомбардирала неговото место со фосфорни бомби.

Олексиј Билошицки, началникот на полицијата во Попасна, сто километри западно од Луганск, рече дека Русите користеле фосфорни бомби за да го нападнат неговото место.

„Нацистите ги нарекуваа „запален лук“, а русистите (збор добиен од комбинирање на Руси и фашисти) ги фрлаат по нашите градови. Неописливо страдање и пожари“, напиша тој на Фејсбук.

И украинската народна правобранителка Људмила Денисова денеска ја обвини Русија дека употребила забранети фосфорни бомби во синоќешниот напад врз градот Попасна, во Луганск.

Таа истакна дека Украина има конкретни докази дека руските сили користат забранета муниција.

– Бомбардирањето на цивилен град од страна на руските напаѓачи е воено злосторство и злосторство против човештвото според Римската конвенција, истакна Денисова.

Во Краматорск, исто така во Донбас, воз што евакуира цивили за Лавов, западна Украина, беше погоден ноќта кон неделата, изјави началникот на воениот округ Доњецк, Павло Криленко. Едно лице загина, а едно е повредено во бомбардирањето, рече тој.

Во Донбас, во борбите беа уништени и две православни цркви каде цивилите се засолниле, соопштија локалните власти: црквата во Свјатохирск, познато светилиште во регионот на Доњецк и црква во Северен Доњецк, во близина на Луганск.

Засега нема информации за жртви.

Што е фосфорна бомба?

Фосфорната бомба е забранета со Женевската конвенција од 1980 година.

Меѓу сите запаливи материи што се користат во запалива муниција, белиот фосфор зазема посебно место. Ова се случува поради неговите уникатни хемиски својства и пред сè поради температурата на согорување, која достигнува 800-1000 Целзиусови степени.

Друг важен фактор е способноста на оваа супстанција спонтано да се запали при интеракција со кислород во воздухот. Кога гори, белиот фосфор ослободува густ отровен чад, што исто така предизвикува изгореници на внатрешниот респираторен тракт и труење на телото.

Доза од 0,05 до 0,1 грам е фатална за луѓето, а во зависност од количината топи човечко месо.