– Украинските сили во Мариупол се повикани да го положат оружјето, а руската страна предложи денеска во тој град да се спроведе специјална хуманитарна операција, изјави шефот на Националниот центар за одбранбена контрола на Русија, генерал-полковник Михаил Мизинцев.

Тој истакна дека „украинските војници, националисти и странски платеници кои се утврдиле во Мариупол се повикани да го положат оружјето и дека нивните животи ќе бидат поштедени“.

Во таа смисла, како што наведе, руската страна за денеска предложила спроведување на специјална хуманитарна операција.

– Секој што ќе го положи оружјето гарантирано ќе остане жив, нагласи Мизинцев.

Рускиот воен претставник додаде дека Москва се надева оти Турција ќе влијае врз командантите на украинските вооружени формации во Мариупол да го положат оружјето.

– Сметаме на поддршката од турска страна во ова тешко прашање, изразуваме надеж дека турските колеги, користејќи го својот авторитет, ќе успеат со сите можни средства да влијаат врз претставниците на властите во Киев и директно на командантите на украинските вооружени сили што останаа во Мариупол, рече генералот.

Мизинцев соопшти и дека Русија утре изутрина повторно ќе го отвори хуманитарниот коридор за спасување на странци и цивили од Мариупол и дека е подготвена да обезбеди движење на бродови во пристаништето Берџанск.

– И покрај моменталната ситуација, Руската Федерација од шест часот на 5 април 2022 година повторно ги отвора хуманитарните коридори за спасување на странски државјани и цивили од Мариупол, исклучиво за хуманитарни цели, а исто така и на барање на турската страна, и е подготвена да обезбеди влез на бродови кои учествуваат во евакуација до пристаништето Берџанск и излез од него согласно нормите на меѓународното поморско право, објасни Мизинцев.