– Руската Амбасада во Скопје излезе со реакција по повод протерувањето на дополнителни шест руски дипломати од страна на Северна Македонија.

– Без да се најави реакцијата на руската страна на овој непријателски чекор, истакнуваме дека неговите последици ќе имаат сериозно влијание врз односите меѓу Русија и Северна Македонија. Посебно сакаме да нагласиме дека обвинувањата се целосно неосновани, наведува руската Амбасада на својата официјална Фејсбук страница.

Во реакцијата на Амбасадата се наведува дека „руските дипломати никогаш не се мешале во внатрешните работи на Северна Македонија и не извршувале дејствија што ја прекршуваат Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година“.

– Убедени сме дека таквата практика е спротивна на стремеж на народите на нашите земји за конструктивна соработка, нема перспектива и води кон конечно деградирање на билатералните односи.

Се разбира, руската страна ќе преземе мерки, не нужно симетрични, но чувствителни, како одговор на овој чекор, како и на прогласувањето на петмина дипломати на Амбасадата „personae non grataе“ на 28 март годинава, наведува Амбасадата.

Северна Македонија на 28 март прогласи за персона нон грата петмина руски дипломати, а денеска дополнителни шестмина, поради, како што наведе МНР, извршувале активности што се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи.