Оправдувајќи ја својата инвазија на Украина, рускиот претседател Владимир Путин во неколку наврати изјави дека негова цел е „денацификација“ и да го запре геноцидот врз Русите во Украина.
Путин и неговите функционери, како министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, се обидуваат да го убедат светот дека инвазијата на Украина е антифашистичка борба и дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е всушност неонацист – иако Зеленски има еврејско потекло.
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави за новинарите по почетокот на инвазијата дека Москва сака да наметне „неутрален статус“ на Украина, да ја демилитаризира и да ги отстрани „нацистите“ од земјата.
– Теоретски, Украина треба да се ослободи и исчисти од нацистите, изјави портпаролот на Кремљ.
На рамото има два нацистички симболи
Со оглед на тоа што Путин толку многу ги нагласува антифашистичките ставови на својата армија, невообичаено е што лидерот на проруската Народна Република Доњецк, Денис Пушилин, му додели орден на полковник кој на својата униформа носеше две нацистички обележја.
Тимур Курилкин доби медал за „убиство на 250 нацисти“. На снимката од одликувањето јасно се гледа како војникот на десното рамо од униформата има два амблеми со нацистички симболи.
Првиот симбол е модифицирана верзија на Тотенкопф, череп што првично била користена од озлогласена СС единица на Адолф Хитлер, а подоцна го носеле неонацистите по Втората светска војна.
На долната ознака е прикажан Valknot, стар нордиски симбол познат како „Јазол на убиените“, кој подоцна бил усвоен од страна на белите врховисти и кој во модерното време е расистички симбол. Треба да се напомене дека го користат и паганите, па затоа е важно да се земе предвид контекстот пред да се толкува пораката зад овој симбол.