Вадим Денисенко, советник на министерот за внатрешни работи на Украина, вели дека Русите ќе се обидат да го освојат Киев во следните неколку дена.
„Руските окупатори собраа доволно сили во близина на Киев и ќе се обидат да го освојат главниот град во следните неколку дена“, изјави Денисенко, пренесува „Киев Индипендент“.
Vadym Denysenko, advisor to interior minister of Ukraine:
"Russian occupiers gathered sufficient troops near Kyiv and will try to seize the capital in the next few days."
— The Kyiv Independent (@KyivIndependent) March 6, 2022
Кулеба: Околу 20.000 странски доброволци за да војуваат во Украина против Русија
Досега околу 20.000 странски доброволци аплицираа да и помогнат на Украина во борбата против Русија, изјави денеска украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
– Во моментов нивниот број е околу 20.000. Тие главно доаѓаат од европските земји, изјави Кулеба за Си-Ен-Ен, додавајќи дека многу луѓе ја „мразеле Русија“ со години, но не им било дозволено да и се спротивстават. Тој рече дека има доброволци од 52 држави, но не сакаше да прецизира за кои земји станува збор.
Кулеба оцени дека иако ја разбира „потребата на луѓето да се борат“, поважно е да се добие политичка, економска и воена помош од светот.
Кон крајот на февруари, украинскиот претседател Володимир Зеленски најави формирање на „меѓународна легија“ од странски борци за да помогне во одбивањето на руската инвазија.
Доброволците се поканети да аплицираат во украинските амбасади во нивните земји.
МААЕ: Нуклеарната централа Запорожје е под руска контрола
– Меѓународната агенција за атомска енергија денеска на Твитер објави дека украинскиот нуклеарен регулатор пријавил проблеми во комуникацијата со персоналот што работи во нуклеарната централа во Запорожје во југоисточна Украина.
Украинските власти ѝ кажаа на МААЕ дека редовниот персонал продолжува да работи во централата, „но управувањето со постројката сега е под наредба на командантот на руските сили кои го контролираат местото.
ОН: Во Украина досега загинаа најмалку 364 цивили
Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации го ажурираше бројот на жртви што го потврди во Украина од почетокот на руската инвазија, на 24 февруари.
Според ажурираните податоци, ОН информира дека засега има потврда дека најмалку 364 цивили се убиени, меѓу кои 25 деца, а 759 се повредени. Но, се додава, реалните бројки веројатно се „значително повисоки“.
„Повеќето регистрирани цивилни жртви се предизвикани од употреба на експлозивно оружје со широка област на удар, вклучително и гранатирање од тешка артилерија и мултилансирни ракетни системи, како и од ракетни и воздушни напади“, се наведува во соопштението од Канцеларијата на Високиот комесаријат на ОН за човекови права (ОХЦХР).