Се уште се истражува потеклото на коронавирусот, а има многу теории за тоа од каде потекнал. Некои медиуми објавија снимки од Институтот за вирусологија во кинескиот град Вухан, на кои се гледаат лилјаци и научник кој ги храни со црви.

Снимката што ја емитува Скај Њуз е преземена од промотивното видео на кинеската држава објавено во 2017 година по повод отворањето на Институтот за вирусологија во Вухан. Скај Њуз потоа емитуваше уште едно видео направено од Кинеската академија на науките. Видеото го покажува лабораторискиот работник, Хуан Жиминг, директор на лабораторијата П4 на Институтот, како објаснува како работи нивниот систем. На тоа видео се гледаат и лилјаци.

Но, д-р Питер Дазак, истражувач на СЗО, кој го истражувал потеклото на вирусот, тврди дека во Институтот Вухан немало живи лилјаци.

Во интервју за Њујорк Тајмс, вирусологот од Вухан, д-р Ши Женгли ги негираше тврдењата дека вирусот КОВИД-19 избегал од Институтот за вирусологија во Вухан.

Потеклото на коронавирусот уште е мистерија. Имаше теории дека тој избегал од лабораторија, но овие тврдења ги негираа повеќе научници и лекари. Вирусот кон крајот на 2019 година се појави во Вухан, но потоа се прошири во целиот свет. Досега има над 177 милиони ковид случаи.