Во тек потрага по Александар Черговски, 39 – годишно исчезнато лице од Берово. За Черговски кој живее и работи во Германија, семејството информира дека при последниот телефонски повик кој го имале со својот син тој им кажал дека тргнал од Германија за Македонија, а последен пат е регистриран од камерите на граничниот премин Табановце.

Роднините на Александар од Берово веднаш ја алармирало полицијата за исчезнувањето, а известен е и Интерпол од страна на семејството кое живее во Берлин.

-Ги замолувам сите пријатели кои имаат било каква информација за него, да не исконтактираат со цел за негово пронаоѓање, додадоа од неговото семејство.

Од СВР Штип за Слободен печат го потврдија случајот и рекоа дека се работи на пронаоѓање на лицето.

-По пријава на Интерпол од Германија, секторот за меѓународна полициска соработка во МВР, постапува по пријавата за пронаѓање на лицето, каде се направени контакти и проверки на неколку локации, додаде Гордана Панајотова, потпарол на СВР Штип.

Според лица блиски до Черговски, Александар на граничниот премин се симнал од автобусот и тргнал пеш во непознат правец, од каде му се губи секаква трага.