Заврши обдукцијата на 33 годишната жена која почина на КАРИЛ, а за која семејството обвинува за несовесно лекување додека била оперирана на Гинеколошко акушерската клиника.

За неа, семејството обвини дека и биле пресечени цревата на четири места за време на операција на ГАК, нешто кое што од гинеколошко акушерската клиника негираат дека се случило и посочуваат дека руптурата на тенкото црево е спонтана, а не предизвикана од оперативниот зафат што и бил изведен поради голем тумор на матката.

Според гинекологот и директор на Клиниката за гинекологија, доктор Викторија Јовановска, локацијата каде се одвивал оперативниот зафат, не е блиску до местото каде што настанала руптурата и таа руптура не е поврзана со конкретната операција.

Директорот на Судска Медицина, доктор Александар Станков за „Слободен печат“ потврди дека обдукцијата завршила, но ни рече дека не е доволна за да се утврди причината за смртта, без да се погледне медицинската документација од клиниките каде пациентката била третирана.

-Неофицијално дознаваме дека во обдукциониот наод, констатирано било воспаление. Станков вели дека наскоро ќе биде известено обвинителството за наодите од судска медицина и ќе мора да се прават дополнителни вештачења за кривичната пријава за несовесно лекување што ја поднесе семејството на пациентката. Меѓутоа, директорот на судска медицина е дециден дека лекарска негрижа не се докажува ни преку медиумите ни преку социјалните мрежи туку на суд. Тој рече дека не е можно од обдукцијата да се констатира лекарска негрижа, туку таа процедура трае долго време, објави весникот.

Семејството поднесе кривична пријава против непознат сторител за несовесно лекување за која ќе се прават дополнителни вештачења од оние кои досега се направени.