Српскиот амбасадор во Португалија Оливер Антиќ се самоуби фрлајќи се од карпа во морето, пишуваат португалските медиуми.
Според магазинот CM, Антиќ се фрлил во морето во близина на познатата туристичка атракција Бока де Инферно во близина на Лисабон. Во буквален превод, местото каде што Антиќ наводно се самоубил значи „пеколна уста“.
Медиумите пишуваат дека се се случило денеска околу 13 часот и 20 минути, кога неговиот дипломатски персонал кој го придружувал побарал помош.
Според магазинот CM, амбасадорот Антиќ бил во возилото со возачот, кому му наредил да застане до карпата, од која потоа се фрлил.
Медиумите пишуваат дека веднаш била алармирана локалната поморска полиција и пожарникарите, а Антиќ се уште бил жив кога го извлекле.
Потоа започнала реанимацијата, но за жал, тој починал.
Оливер Антиќ бил професор и декан на Правниот факултет во Белград, како и директор на Институтот за компаративно право 1997-2001 година. Бил близок до Српската радикална партија, а подоцна станал еден од основачите на СНС.
Во јуни 2012 година беше назначен за советник на претседателот на Србија, Томислав Николиќ, а во декември истата година стана висок претставник на Србија во Постојаниот мешовит комитет за прашања на сукцесијата.
Покрај службата во Лисабон, тој беше и амбасадор во Зеленортските Острови и Сао Томе и Принципе.