Двегодишно дете од Полска, кое беше тешко повредено во неделата вечерта на Бриони во Хрватска кога на него налета Дачија Дастер, почина утрово околу 7:15 часот во Општата болница во Пула, извести во понеделникот истарската полиција.

Несреќата се случила кога 51-годишен маж од Фажан возел автомобил со пулски регистерски таблички на патот Велики Бријун кон црквата Св. Германа и во еден момент од засега неутврдена причина удрил во 36-годишна полска државјанка, која била тешко повредена, и нејзиното дете додека го поминувале патот.

Според портпаролката на истарската полиција Наташа Рогиќ, несреќата била пријавена во 19 часот и 48 минути, а детето, кое во тоа време било без свест, со глисер било пренесено во Фажан, од каде итната медицинска помош го пренела во Општата болница во Пула.

Повредената жена и детето се пренесени во болница, од каде полицијата утрово била известена дека детето починало. Полициски службеници продолжуваат со утврдување на околностите на настанот.

Од Националниот парк Бриони хрватските медиуми дознаваат дека автомобилот во кој настрада несреќното дете го управувал нивен вработен – чувар на природата.

– Како што неофицијално дознаваме, несреќата се случила пред познатиот „Шкољка-ресторан“ и продавница за сувенири на Бриони, веднаш на брегот. Двегодишно момче се отргнало од прегратките на мајка си во моментот кога пристигнал службениот автомобил на националниот парк. По него стрчала и неговата мајка која е бремена. За жал, детето било повредено на главата. Мајката си го повредила рамото. Сите вработени во националниот парк се во шок поради несреќата, пишува Јутарњи лист.