Мајката на Данка Илиќ (2) дури по час и половина го пријавила исчезнувањето на својата ќерка. Пред тоа бришела пораки и повици. Повторно била сослушана во полиција.

На ден пред исчезнувањето и на денот на исчезнувањето на Данка Илиќ, многу пораки и повици се избришани од телефонот на мајката. Ова го утврдиле инспекторите за технолошки криминал. Пораките и повиците може да се избришат од телефонот, но остануваат во базата на податоци. Мајката пред исчезнувањето три пати го фотографирала девојчето од различни агли, изјавил извор од српската полиција за локалните медиуми. Тие наведуваат и дека мајката за време на сослушувањето не пуштила солза, туку ладно се поднесувала.

А тоа сега е дел од истрагата за мистериозните 89 минути (време поминато од моментот на исчезнувањето до моментот на пријавувањето) во кои Данка Илиќ (2) исчезна во приградската населба Бањско Поље, кај градот Бор во Србија. Девојчето исчезна во вторникот околу 13.45 часот, а потрагата по неа трае со денови.

Одделот за вонредни ситуации на Министерството за внатрешни работи на Србија во петокот на терен испрати два специјални спасувачки тима, кои ја продолжија деталната потрага по двегодишното девојче, чие исчезнување беше пријавено во вторникот, поради што за прв пат е активиран „Amber Alert“ во Србија.

Специјализирани екипи за спасување од урнатините од Белград и Нови Сад со кучиња трагачи почнаа детално пребарување на просторот околу куќата пред која исчезна девојчето. Инспекторите мора да утврдат што точно се случило помеѓу времето кога Данка исчезнала и моментот кога нејзината мајка повикала полиција. Тој период траел приближно 89 минути.

Во тој период има многу нејаснотии и нелогичности, особено во изјавите на мајката Ивана, која последна имала контакт со Данка. Според нејзиното претходно сведочење, таа во вторникот со Данка и нејзиниот тригодишен син дошла во Бањско Поље, во старата куќа на нејзините родители. Понатаму изјавила дека на момент влегла во куќата за да му даде вода на синот, додека Данка останала во дворот.

Но, кога пристигнала полицијата, вратата од куќата била заклучена. Според мајката, кога излегла од куќата, девојчето веќе го немало, па почнала сама да ја бара, а дури по час и половина го повикала сопругот и полиција. Не се знае зошто кога мајката Ивана дошла во Бањско Поље со децата, го паркирала автомобилот зад куќата, иако има простор напред, па се поставува прашањето зошто ги однела децата во напуштена куќа на дождливо време?