На прашањето дали Русија навистина ќе ја нападне Украина може да се пристапи од различни агли: односи на моќ, воени провокации и контрапровокации, степенот до кој ЕУ и САД се подготвени да ја заштитат Украина, кој ќе биде ефектот на санкциите без преседан во случај на инвазија… Вака започнува анализата на хрватски Индекс по заканата испратена од американскиот претседател Џо Бајден до рускиот претседател Владимир Путин.
Но, на крајот, во целата пресметка останува една клучна непозната, онаа за намерите на Путин. Со други зборови, не можеме да знаеме дали ќе дојде војна, ако не знаеме што всушност сака Путин од Украина и колку далеку е подготвен да оди за да го добие тоа.
Мистерија е, на пример, зошто Путин реши повторно да ги ескалира тензиите откако го доби самитот со Бајден во Женева во јуни и постигна еден вид на „детант“ (попуштање на напнатоста во меѓународните односи) со Западот. Соединетите Американски Држави и НАТО не испратија војници во Украина, ниту распоредија стратешки ракети за да провоцираат 70-90.000 руски војници долж границите на Украина, вклучително и куп тенкови, оклопни возила, артилерија и друго оружје и опрема.
Единствено објаснување за ненадејната ескалација, според порталот New Lines, би можело да биде дека Путин навистина одговара на она што Кремљ ги нарекува „провокации“ на НАТО во последниве месеци, почнувајќи од крстарење на американски и британски воени бродови во близина на брегот на Крим, води што Русија ги смета свои откако го анектираше полуостровот – иако меѓународната заедница смета дека анексијата е нелегална.
Според Марк Галеоти од Факултетот за словенски и источноевропски студии на Универзитетот во Лондон, трупањето војници на Путин и потпалувачката реторика изненадиле многумина во руските политички кругови. Галеоти шпекулира дека Путин можеби направил пресврт врз основа на разузнавачките извештаи кои сугерираат дека Киев планира воена акција за повторно да го заземе Донбас на границата со Русија, кој седум години е контролиран од руски сепаратисти и увезени руски војници и известувачи.
– Оние кои се залагаат за повторно заземање на Донбас се малкумина. Но, тие секако се надгледувани од руското разузнавање. Тој муабет можеше да му биде пријавен на Путин како сериозен план, изјави Галеоти за New Lines.
Путин бара правни гаранции дека НАТО нема да ја прими Украина
Покрај тоа, Москва го гледа неодамнешното испраќање сили на НАТО на полско-белоруската граница како дополнителна провокација, иако тоа беше одговор на мигрантската криза организирана од белорускиот претседател Александар Лукашенко – а Полска тврди дека Путин е всушност главниот архитект на тој „хибриден напад“ преку искористување на очајните мигранти и бегалци кои сакаа да стигнат до Европската унија, кои завршија заглавени на границата пред Лукашенко конечно да се согласи да ги врати во Минск или во нивните татковини.
Во пошироката слика, причините и мотивите на Путин се нешто појасни. Рускиот претседател во неколку наврати изрази страв – реален или фингира – дека НАТО ќе ја опколи Русија. Непријателството кон алијансата и ставот дека неговото зајакнување и проширување е егзистенцијална закана за Москва долго време се дел од неговата надворешна политика, како и неговата опсесија Киев повторно да стане сателит на Москва.
Според тоа, Путин уште еднаш ги изнесе своите барања до Западот минатата недела во говорот пред дипломатите на Кремљ. „Русија“, рече тој, „дејствува само како одговор на растечката закана на нашата западна граница и сè што сака е да и се дадат сигурни и долгорочни безбедносни гаранции… прецизни правни гаранции, бидејќи нашите западни колеги не ги исполнија своите вербални обврски“.
– Сите се свесни за гаранциите што ги дадоа усно дека НАТО нема да се прошири на исток. Но, во реалноста тие го направија токму спротивното, додаде рускиот претседател, кој уште во 2005 година рече дека распадот на Советскиот Сојуз е „најголемата геополитичка катастрофа” во 20 век, а во 2018 година рече дека би ја поништил ако може, како што тогаш објави Ројтерс.
Бајден ја отфрли можноста за испраќање војници во Украина, најави голема средба НАТО-Русија
Вакво барање за законски обврзувачки гаранции Путин повторно упати кај Бајден на виртуелната средба во вторникот, уверувајќи го истовремено дека нема намера да ја нападне Украина.
Белата куќа по средбата објави дека Бајден не направил никакви отстапки на Путин по ова прашање. Сепак, Бајден следниот ден сигнализираше дека може да биде подготвен за такви или слични отстапки кога им објави на новинарите дека Русија и најмалку четири главни членки на НАТО ќе се сретнат на состанок на високо ниво „за да разговараат за загриженоста на Русија во врска со проширувањето на НАТО и дали може нешто да се направи за „намалување на температурата на источниот фронт“.
Бајден очигледно се обиде да ја намали температурата велејќи дека американската воена интервенција во случај на руски напад врз Украина „не е на маса“, иако ги отстрани најефективните средства за одвраќање на Русија од нападот. Интересно е што само еден ден претходно, портпаролката на Белата куќа и портпаролот на Пентагон одбија да ја отфрлат таа опција.
Меѓутоа, овие „уверувања“ дека НАТО никогаш нема да се прошири се всушност мит измислен (а подоцна побиен) од Михаил Горбачов, пишува New Lines. Сепак, Путин инсистира на тоа и на тоа го заснова својот заклучок дека „легитимните безбедносни проблеми на Русија се занемарени и се игнорираат на ист начин дури и сега“.
Затоа, се чини дека главната цел на инвазијата на Украина би била да се осигура дека земјата никогаш нема да влезе во НАТО. Кадри Лилк, соработник во Европскиот совет за надворешни односи, за Дојче веле изјави дека заканата од инвазија има за цел да го принуди Западот „да и ја предаде контролата на идните политички избори во Украина на Русија“.
Но, тоа всушност може да биде оптимистичко толкување. Она што би било песимистичко би било тоа што Путин едноставно сака, или на краток или на долг рок, да ја укине украинската независност и да ја анектира целата или поголемиот дел од таа земја, исто како што го анектираше нејзиниот полуостров Крим пред седум години.
Путин ја гледа Америка како сила што слабее
Друг елемент што ја одредува стратегијата на Путин и неговиот внатрешен круг во Кремљ е секако нивната перцепција за Америка како „пропадната империја чија моќ, самодоверба и решителност се намалуваат од година во година“.
Откако Путин стана претседател на Русија, во Соединетите држави беа сменети пет претседатели, од кои двајца беа отповикани – а еден од нив, Доналд Трамп, отворено ги оспори изборните резултати, го обвини својот наследник Бајден за кражба и ги инспирираше неговите фанатични следбеници да го нападнат Капитол и да се обиде да ја спречи мирната промена на власта.
Благодарение на Трамп, но и на радикализмот од другата страна на политичкиот спектар, Америка е толку поларизирана што не може да се очекува да се обедини зад Бајден дури и во случај на нова војна. И Путин гледаше од Кремљ во овие 22 години како САД водат две катастрофални војни, во Ирак и Авганистан, и како Америка се повлече од Авганистан оваа година и ја остави земјата на Талибанците.
Со ова понижувачко повлекување и отфрлање на сојузниците и авганистанскиот народ за кои Американците наводно се бореле 20 години, Бајден фрли сериозен сомнеж на неговото ветување дека „Америка се врати“ по Трамп. САД едвај се вклучија во војната во Сирија – едноставно ѝ препуштија на Русија да одлучи за исходот од таа војна во корист на својот сојузник, а за возврат добија постојана воена и поморска база на стратешките локации во Средоземното Море. И иако Соединетите Американски Држави, ЕУ и сојузниците воведоа санкции кон Русија поради анексијата на Крим и поддршката за руските сепаратисти во Донбас, тие, се разбира, не одговорија воено на посегнувањето на суверената територија на европската земја.
Скршениот кредибилитет на САД престана да биде поврзан со еден претседател и стана хроничен проблем. Америка сè уште е најголемата светска воена, економска и политичка сила, а Путин секако е свесен за тоа, но лесно е можно нејзината слабост и неодлучност да го охрабри. Како што изјави и шаховскиот велемајстор и големиот критичар на Путин, Гари Каспаров во интервју за Индекс во февруари, „Силата на Путин е одраз на слабоста на слободниот свет“. Во секој случај, Путин секако може да биде посигурен од пред 20 години дека Америка денес нема да ја заштити Украина.
„За историското единство на Русите и Украинците“
Дополнително, според Њујорк Тајмс, слична пресметка најверојатно ќе направи и Кина, која исто така ги ескалира тензиите со Тајван во последните месеци и предизвика зголемени стравувања од подготовка на инвазија на меѓународно непризнаената држава, која Пекинг ја смета за нејзин отпадник, односно нејзина провинција.
Третиот елемент што ја одредува стратегијата на Путин е рускиот, но очигледно и неговиот личен анимозитет кон самиот концепт на украинска државност и независност. Дека Путин е прилично опседнат со Украина и дека и по 30 години не може да ја прифати нејзината независност е веќе сосема очигледно. Тој го потврди тоа, како што пишува New Lines, кога во јули објави голема расправа со наслов „За историското единство на Русите и Украинците“.
Во него, рускиот претседател ја презеде улогата на историчар и тврди дека Украина „не е и никогаш не била независна држава“ – згора на тоа, дека таа е „неотуѓив дел од Русија“ без јасен етнички идентитет, култура, религија и јазик, дека Украина секогаш напредувала кога била дел од РУсија и дека независноста на Украина отсекогаш била инспирирана и спонзорирана од „непријателите на Русија“.
Путин е убеден дека непријателите од Западот ги поделија Русите и Украинците
Се разбира, има барем зрно вистина во пропагандата и историскиот ревизионизам на Путин. Навистина, во поголемиот дел од илјадагодишната историја на Украина, Украина и Русија припаѓаа на една земја – прво кралство, потоа империја и на крајот социјалистичка федерација – и може да се каже дека Русите и Украинците беа еден народ. Но, самиот руски претседател, како што повтори во својата систематична анализа, верува дека Русите и Украинците сè уште се еден народ. Со други зборови, дека Украинците се всушност Руси.
Фактот дека денешна Русија и Украина, кои се различни делови на „истиот историски и културен простор“, за Путин не е само „несреќа и трагедија“, туку пред се „резултат на намерните напори на оние сили кои отсекогаш барале да го поткопаат нашето единство” преку старата тактика „раздели па владеј “.
По распадот на Советскиот Сојуз, и Украина и Русија имаа многу турбулентна фаза на демократија во нејзиниот зачеток. Додека Русија постепено се лизна во де факто диктатура откако Путин дојде на власт, со опаѓачки привид на мултипартизам и владеење на правото и граѓанско општество што умира, хаотичната и често нечесна демократска борба на Украина меѓу проевропските и проруските табори продолжи.
Но, кога сојузникот на Путин, Виктор Јанукович беше соборен од власт и побегна во Русија во големиот бран проевропски и антикорупциски протести наречени Евромајдан, за Путин всушност тоа беше фашистички државен удар организиран од западните непријатели на Русија за да ја контролираат Украина и да ја претворат во воена Канцеларијата на НАТО.
Последна шанса да се скрши Украина?
За возврат, тој очигледно организираше сепаратистички бунт на истокот на земјата, а потоа, со голема воена помош од бунтовниците, речиси ја доведе украинската армија во пропаст и ја принуди украинската влада да прифати неповолен мировен договор во Минск. Вистинскиот мир, сепак, до денес не е постигнат – но веројатно тоа не беше целта на Москва. Земја со замрзнат конфликт, сепак, не може да влезе во НАТО.
„Од 2015 година, Москва се надева дека ќе ја постигне својата цел (да ја задржи Украина надвор од НАТО) со спроведување на договор во Минск кој воспостави еден вид примирје и стави крај на активната фаза на војната“, рече Кадри Лиик од Европскиот совет за надворешни односи.
„Но, сега веројатно сфатија дека договорите (Минск 1 и 2) не функционираат како што се надеваа, дека Украина под претседателот Володимир Зеленски не се држи до договорот, според толкувањето на Москва, и дека во исто време, со Западната воена помош, Украина станува посилен противник, дури и во воена смисла. Така, сега тие само сакаат да го спречат падот на предноста што ја имаат“, додаде Лиик.
Со други зборови, главниот мотив на Путин би можел да биде верувањето дека неговото време истекува ако сака да ја врати Украина под своја закрила, пред таа земја да стане воено премногу силна за да ја скрши. И во тој случај, инвазијата е навистина веројатна.
Извор: Index.hr