Јавен обвинител извршил увид на местото на трагедијата што се случи синоќа во скопската населба Пинтија, кога куче до смрт искаса осумгодишно дете. Детето со повреди на главата и вратот веднаш било пренесено во болница, но по пат искрвавeло од повредите.
Се уште се собираат информации за трагедијата, a телото на детето е предадено на обдукција. Од Обвинителството засега само информираат дека се преземаат дејствија за испитување на целиот настан и нема информации дали ќе има некаква одговорност за инцидентот.
Сопственикот на кучето кое било од расата англиски бул мастиф синоќа бил повикан на разговор во полиција, но засега други информации нема.
Она што се знае е дека во дворот во куќата имало две кучиња, семејството на детето и семејството кое ги чувало кучињата биле соседи и во добри односи. Кучињата биле во дворот, не биле надвор, а детето влегло само во дворот на соседите, попладнето.
Според неофицијални информации, во домот немало никој, па најверојатно ќе се испитуваат повеќе аспекти дали ќе има некаква одговорност.
Адвокатот Јанаки Митровски за „Фокус“ вели нема многу детали за овој трагичен настан, но првично не очекува да има кривична одговорност за сопственикот на кучето.
-Врз основа на она што е пласирано во јавноста од медиумите, Кривичниот законик не предвидува кривична одговорност за сопственикот.
Законот за заштита и благосостојба на животните од друга страна предвидува прекршочни одредби бидејќи е задолжителен прво, знак пред секоја куќа и двор каде има куче, а второ за опасни кучиња дури и кога се во двор, овој Закон стимулира чување во заграден простор.
Не би можел да ви одговорам дали посочената раса спаѓа во категоријата опасни, и би Ве упатил да прашате ветеринар или експерт од областа. Прекршочните глоби во Законот се смешно мали, но било каква глоба е мала утеха за семејството на починатото дете на кое како родител на осумгодишно момче му упатувам најискрено и длабоко сочувство, објаснува Митровски за „Фокус“.
Митровски додава дека сопственикот на кучето е граѓански одговорен за наместот на штета, конкретно за душевна болка поради смрт на блиско лице, но повторува, дека и ова не е никаква утеха за семејството.
Засега нема реакција за трагедијата од здруженијата за заштита на животните, на нивните фејсбук страница има повици и благодарност за згрижување на кучиња.