Апостол Симовски, директорот на Државниот завод за статистика, се извини пред јавноста за тоа што евангелско-протестантските верници на пописот биле запишани како атеисти и обратно. По корекцијата на грешката, испадна дека во Македонија има 8.764 атеисти.

– Секогаш постои можност за техничка грешка. Ова беше прв сет на голем број податоци. Тие се најклучни и направивме табели за да ги задоволиме тие потреби на јавнсота. И јас се изјаснувам како атеист и на мене ми беше чудна таквата бројка, изјави Симовски за Канал 5.

Во првичниот сет податоци од пописот што ги објави Државниот завод за статистика (ДЗС) беше запишано дека вкупно 355 лица се изјасниле како атеисти, но сега е направена корекција и нивниот број е за 24,7 пати поголем, односно како атеисти во земјава се запишани 8.764 лица.

Државниот завод за статистика се извини за како што ја нарече техничката грешка во врска со дел од резултатите вопописот кои се однесуваат на религиозната припадност на граѓаните.

„Во соопштението Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 – прв сет на податоци, објавено на 30 март 2022 година, во Табела 9 – Вкупно резидентно население во Република Северна Македонија според изјаснувањето за религиската припадност, по пол – Попис 2021, направена е техничка грешка со тоа што во редовите „Не е верник (атеист)“ и „Евангелско протестантски христијани“ е направена пермутација на податоците, соопштија од ДЗС.