Најмалку 55 загинати, стотици изгорени домови и илјадници бездомници – обемот на катастрофалните пожари на Хаваи е особено видлив на островот Мауи. Многумина сега сакаат да го напуштат островот. Бројот на лица кои се сметаат за исчезнати се проценува на околу 1.000.
Пилотите во хеликоптерите не можат да поверуваат во она што гледаат на дневна светлина. Постепено станува јасно колкав е обемот на уништувањето на западниот дел на островот Мауи. „Погледнете ги куќите“, вели пилот кој лета над градот Лахаина. Изгледа како воена зона. Стотици изгорени објекти, остатоци од бродови и автомобили. Лахаина е најпогодениот град од пожарите. Во историскиот пристанишен град живееја околу 13.000 луѓе, а тој беше и многу популарен меѓу туристите.
„Лахаина веќе ја нема. Не остана ништо. Банките, супермаркетите, црквите… Сè исчезна“, вели Хари Доненфелд. Тој живее на Мауи, неговата куќа е поштедена. Тој прими луѓе кои станаа бездомници. „Но, повеќето едноставно спиеја покрај патот“, вели Хари.
Државниот конгресен центар на Хаваи е претворен во засолниште за итни случаи. „Тоа беа два супер интензивни дена“, изјави една жена од засолништето за локалната телевизија. „Снема струја, бензинската пумпа експлодираше. И оттогаш само се обидуваме да избегаме од пожарот.“
Спас од огнот со скок во вода
Се чувствував како во пекол, неописливо, вели човек за локална телевизија. Се спасил скокајќи во вода. „Повикав полиција и скокнав во водата.“ Крајбрежната стража успеала да го извлече него и другите од водата.
Осумдесет проценти од пожарите на западниот дел на Мауи сега се локализираниФотографија: Andrew Jackson/ US Department of Defense/AFP
Американскиот претседател Џо Бајден прогласи катастрофа. Со тоа се овозможува, на пример, да се ослободат средства за финансирање на итни засолништа и поправки на куќи. Американската војска на Хаваи испрати хеликоптери, тимови за пребарување и спасување.
Lahaina, Before- After :(( #Hawaii #MauiFires #LahainaFires #PrayforMaui pic.twitter.com/jvPl6nDQCl
— Hery D. (@HeryStyle23) August 10, 2023
Истовремено илјадници луѓе се обидуваат да го напуштат островот. Од островот веќе се евакуирани 14.000 луѓе, до вечерва треба да се однесат уште 14.500. Властите ги советуваат оние кои не мора нужно да одат во Мауи да го откажат патувањето или да направат нова резервација.
Осумдесет проценти од пожарите на западниот дел на островот сега се локализирани, а така е и со 70% од двата пожара на истокот. „Мораме да сместиме илјадници луѓе“, изјави на прес-конференција гувернерот на Хаваи, Џош Грин, обраќајќи и се на целата земја: „Ако имате простор дома, ако можете да сместите некој од западен Мауи, ве молиме направете го тоа“.
Мауи е една од најпопуларните дестинации за одмор во Америка и во голема мера се потпира на туризмот. Ќе помине некое време додека луѓето можат и сакаат повторно да одат на островот, претпоставува жителот Хари Доненфелд. „Ја изгубивме нашата економска основа“, оценува тој. Тоа е едно, додава Хари, а друго се многуте трагични приказни, многуте жртви, големите загуби. Негов пријател во понеделникот (7.08) отворил галерија, а во вторникот изгорела. Сè за што работел цел живот, сега го нема.
„Реков дека нема да умреме на тој начин. Нема да умреме“
Би-Би-Си ја носи шокантната исповед на маж од Хаваи кој бил принуден да влезе во океанот со семејството за да се спаси од катастрофалниот пожар што го проголта одморалиштето Лахаина.
Како што изјави Виксеј Фонксајлинкам за Би-Би-Си, неговото семејство е само едно од многуте кои морале да влезат во океанот со ветрови од урагански сили за да си ги спасат животите.
Тој ја опиша драматичната ситуација, експлозиите на автомобили, но и некои навистина застрашувачки моменти во кои океанот за малку ќе му ги одзеде децата.
„Мојата сопруга, нашите пет деца и јас, сите отидовме во океанот. Најдовме табла што лебдеше, сите се фативме за неа. Се беше во пламен околу нас. Не можев да дишам. Немаше воздух, само јаглерод моноксид. Најдов метална плоча и ја ставив над нашите глави затоа што огнот беше насекаде околу нас. Во еден момент океанот за малку ќе ми ги однесеше децата“, рекол расплаканиот татко.
„Но, ние сме таму каде што сме. Преживеавме. Се држевме меѓусебно. Реков дека нема да умреме на тој начин. Нема да умреме“, додаде тој.