Генералниот секретар на Фудбалскиот сојуз на Србија, Јован Шурбатовиќ, потврди дека ФСС ќе побара од Европската фудбалска федерација (УЕФА) најстроги казни за Хрватска и Албанија, чии навивачи скандираа „Убиј Србина“.

– Фудбалскиот сојуз на Србија ќе бара најстроги мерки од УЕФА, дури и по цена да не го продолжиме натпреварувањето. Ова е скандалозно и не сакаме да се повтори. Сакаме навивачите кои извикуваа неприфатливи пароли да бидат драконски казнети, рече Шурбатовиќ во изјава за РТС.

Тој додаде дека ФСС ќе поднесе жалба до УЕФА во врска со сцените од вчерашниот натпревар меѓу Хрватска и Албанија, кој заврши нерешено 2:2.

Да потсетиме, УЕФА претходно ја казни Србија за тоа што се случи на мечот со Англија.

„Иако сме казнети, тоа се индивидуални случаи. Бевме казнети поради еден поединец за расистички навреди. Тоа ние не сме. Не сакаме тоа да им се припише на нашите навивачи. Ги пречекуваме сите со отворено срце и тоа е она по што сме познати. Апелирам против Словенија и Данска да бидеме господа“, рече Шурбатовиќ.