Македонските туристи да бидат изземени од Системот за влез и излез од Европската унија (ЕУ) при влез во Грција, а кој предвидува земање на отисоци од прсти и скенирање на лицето на секој патник од трета земја кој влегува во Шенген зоната. Ова барање до грчкото Министерство за туризам го упатила Туристичко-угостителската комора на Македонија, која преку допис, побарала македонските туристи за време на летниот период да бидат изземени од биометриската контрола.
Претседателот на Туристичко-угостителската комора, Аркан Керим, за Телма изјави дека барањето е упатено, бидејќи според некои сценарија за кои тие биле информирани, во летните месеци ќе има големо чекање на граничните премини, со оглед дека за едно возило со четиричлено семејство потребни се околу 10 минути да ја помине контролата.
„Денеска во координација со Стопанската комора на Халкидики и со Комората на хотелиерите на Халкидики, ние сме во комуникација со нив, добивме инструкции да ја контактираме грчката министерка за туризам. Ѝ пративме допис за тоа дека ние како соседна држава, како соседен народ, бараме изземање од овој систем во шпиц периодот ова лето од 1 јуни до 1 септември“, изјави Керим.
Барањето од македонската Комора уследи откако Грција од земање биометриски податоци ги ослободи граѓаните на Британија за да се намалат гужвите на аеродромите, со оглед дека лани 4,9 милиони Британци ја посетиле Грција. Најава деке ќе бидат изземени од биометриска контрола има и за српските граѓани.
„Српската комора исто поднела барање и ние поднесовме барање и се надеваме дека и на нив и на нас ќе ни одобрат исто, бидејќи навистина ќе биде сериозен проблем и ќе висат аранжманите за Грција и од српскиот и од македонскиот пазар. Ние не знаеме колку граѓани летуваат, но знаеме дека еден милион до еден милион и двеста илјади влегуваат во Грција во текот на годината, а најголем период кога влегуваат се летните месеци, баш од 1 јуни до 1 септември“, рече Керим.
Првиот човек на Туристичко угостителска комора при ССКМ, Аркан Керим, се надева дека во наредните неколку денови ќе стигне позитивен одговор од грчката влада.
Инаку системот за влез и излез од ЕУ стартуваше на 12 октомври со постепено воведување на граничните премини, за целосно да стане функционален на 10 април. Сепак Европската унија токму поради долгото чекање и турканици на граничните премини, особено на аеродромите, донесе одлука за можност за парцијална суспензија на системот од земјите во шенген зоната во летниот период, поточно до 1 септември, по што системот ќе мора да се применува без исклучоци.

