Заврши обдукцијата на телото пронајдено кај месноста викана Теферич. Од Институтот за судска медицина за Слободен печат потврдија дека обдукцијата е готова, потврден е идентитетот на лицето. Неофицијално станува збор за лице кое е исчезнато пред две години.

– Обдукцијата е завршена, се знае идентитетот на лицето. Извештајот ќе биде испратен до Основното јавно обвинителство. Од таму после може да ги добиете сите останати информации- вели Александар Станков, директор на Институтот. Според наши извори, неофицијално станува збор за машко лице кое е на листата на исчезнати на Министерството за внатрешни работи повеќе од две години.

Во МВР велат дека пред шест дена во полициската станица Кисела Вода било пријавено дека кај месноста викана Теферич во Скопје, од полициски службеници при МВР било пронајдено тело на починато машко лице. Извори за Слободен печат велат дека телото го нашле четири малолетни лица кои тргнале накај Водно да пешачат. Но ја промашиле патеката и залутале по некој спореден недостапен пат.

– Децата тргнале на прошетка, но се изгубиле и тргнале по погрешен пат. Стигнале до некаде и сфатиле дека неможат да се симнат. Едно од децата забележало ранец и црна кеса. Ранецот го отвориле и во него нашле скршен мобилен телефон, нож и јаже. Црната ќеса не ја отвориле, им било страв- вели нашиот извор. Децата се обиделе да се симнат но патеката била премногу стрмна. Нашиот извор вели дека се јавиле во полициска станица да им помогнат, и со инструкции успеале да се симнат до Кисела Вода.

Потоа пријавиле во полиција дека нашле мобилен и црна ќеса. Едно од децата со родител и полиција се качиле до местото и телото потоа било предадено на обдукција.