Воведувањето на еврото во Хрватска веќе има последици, а цените на угостителските услуги на Јадранот уште пред почетокот на сезоната вртоглаво пораснаа. Хрватите се свесни за овој факт, а сега во тоа се уверија и словенечките соседи, пишува Јутарњи лист.
Топлите пролетни денови и продолжениот велигденски викенд привлекоа многумина да дојдат на хрватското приморје, а Словенците освен што одмораа покрај море, дома донесоа и празни паричници, пишува Sobotainfo.com.
Фејсбук во последните денови беше преполн со коментари на револтираните Словенци кои се шокирани од екстремно високите цени во Хрватска. Тие се особено активни во Фејсбук групата „Кампувањето е закон“, каде што беше објавена фотографија од сметката од ресторан во кампот Пореч.
Имено, една Словенка нарачала два децилитри вино и две топки сладолед. Цена? 24 евра! …
Слично нешто му се случи и на познатиот словенечки угостител кој го води синџирот бургер барови „Ларс и Свен“. Пред неколку дена го посети Умаг и на Фејсбук сподели фотографија од сметка од кафана. За една порција лигњи платил дури 28 евра.
– Што е уште полошо, лигњите воопшто не беа Јадрански – напиша разочараниот Словенец.
Тој додаде дека можеби и за Хрватска е дојдено време за отрезнување.
Згрозените Словенци ги објавија и цените на пијалоците и палачинките на обичните штандови. Корисник на групата „Кампувањето е закон“ објави дека една палачинка со Нутела во Пореч чини 6,50 евра, а пиво во еден од поречките ресторани чини 5,10 евра.
– Ова е болно. Мислам дека ќе мора да се вратиме на навиката од старите времиња кога се’ носевме со себе – додаде корисникот во коментарот.