Најмалку девет лица загинаа во пожар што избувна во болница во источниот романски град Констанца.

Сите пациенти се евакуирани од болницата, а пожарот е изгаснат кон средината на утрото, соопшти романскиот инспекторат за итни случаи.

Според извештаите на медиумите, пожарот избувнал на одделот за интензивна нега. Романското министерство за здравство најави прес-конференција на која ќе даде повеќе информации, но сè уште не е познато кога ќе се одржи таа конференција.

АП пишува дека во моментот на пожарот во болницата имало 113 пациенти, а десет од нив биле на одделот за интензивна нега.

На видеата се гледа како луѓето скокаат од прозорците на подолните катови во болницата, пишува Ројтерс.

Во моментов има повеќе од 12,000 пациенти заразени со коронавирус во болниците во Романија, вклучувајќи 1,364 лица на интензивна нега. 315 деца исто така се на болничко лекување.

Ројтерс исто така пишува дека Романија во последните три децении изградила една болница и од сите земји -членки на ЕУ троши најмалку за здравство. Десетици илјади лекари и медицински сестри ја напуштиле земјата. Дури и пред избувнувањето на пандемијата, здравствениот систем на Романија бил под голем притисок, полн со корупција, неефикаснот и политички управуван. Земјата има една од најлошите здравствени инфраструктури во ЕУ.

Според Инспекторатот за итни ситуации, пожарот избил на првиот кат на зградата, а засега не е познато дали избил на одделението или во лекарска ординација, пренесува “digi24.ro”.

Пожарот ќе биде истражен и целиот случај ќе се води како кривично дело повеќекратно убиство, рекол извор од судството за новинската агенција “Адјепрес”. Тим од инспектори е на местото на несреќата по налог на канцеларијата на обвинителството во Констанца.

📷

📷