Данскиот фудбалер Кристијан Ериксен вчера на терен доживеа срцев удар, но за среќа докторите успеаја да го спасат после брзата реакција и 1о минутната реанимација. Среќата која вчера ја имаше Ериксен, за жал ја немаа многу фудбалери досега кои после колапсот на фудбалските терени, нивните животи завршуваа трагично или на лице место, или пак подоцна во болница.

Случајот со Ериксен, постарите љубители на фудбалот во нашата земја ги потсети на една фудбалска трагедија која се случи пред 20 години, во 2002 година кога на само 23 годишна возраст почина фудбалерот на кичевски Напредок Стефан Толески. Кобниот 12-ти декември 2002-ра година, Толески починал од инфаркт, откако му се слошило на теренот.

Толески почина од срцев удар, откако му се слошило на прволигашкиот натпревар Куманово – Напредок. Толески паднал на зелениот терен како покосен во 18. минута, иако во неговата близина немало никој ниту, пак, претходно бил во дуел со некој играч. По брзата интервенција на лекарите од двете екипи, русокосиот одбранбен играч во бессознание бил пренесен во кумановската Градска болница, а откако таму не успеала реанимацијата, бил направен обид да се спаси неговиот живот, и тој починал во амбулантно возило на пат кон Скопје.

Откако директорот на Напредок, Кочо Зердески, ја соопштил веста за смртта на Толески, натпреварот во Куманово бил прекинат во 58. минута. Според лекарите, причина за смртта бил масивен инфаркт.

– Беше секогаш почитуван од сите, од соиграчите, тренерите, но и од противниците. Не знаеше да се штеди, беше секогаш бескомпромисен во дуелите, но во границите на фер плејот – велеа тогаш неговите соиграчи од Напредок.

Цела Македонија тогаш остана стаписана од веста за смртта на примерниот спортист и талент, кој допрва требаше да ги потврди своите високи вредности.

– Напредок и македонскиот фудбал воопшто, со заминувањето на Стефан Толески загубија благороден спортист. Беше трудољубив како мравка и без коментар ги извршуваше сите зададени обврски – рече тогаш претседателот на Напредок, Љубомир Деспотовски.

И покрај неговите само 23 години (роден е на 13 август 1979 година) играше во Охрид, Силекс Кратово, од каде што го направи првиот меѓународен трансфер – мина во тогаш прволигашот Наѓкажиња од Унгарија. Една година пред трагедијата се врати во татковината, каде што потпиша договор за тогаш новиот прволигаш Напредок.

Летото 2002 година, Толески се најде и на поширокиот список за А- селекцијата на Македонија.