Најмалку четири лица загинаа, а повеќе од 50 се повредени во силниот земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала што рано утринава го погоди Тајван.

Ова е најсилниот земјотрес што го погодил овој остров во последните 25 години, пренесуваат агенциите.

Јапонија веднаш издаде предупредување за цунами на нејзините јужни острови.

Граѓаните на Тајван и јужните делови на Јапонија добија предупредување за цунами и им беше препорачано да се евакуираат на повисоките места, поради брановите кои се очекува да достигнат висина од три метри. Денешниот земјотрес е, инаку, најсилниот што го погодил островот во овој век.

Оштетени згради и куќи се пријавени во округот Хуалиен, соопшти тајванското Министерство за одбрана. Припадниците на армијата беа испратени на терен за да им помогнат на настраданите, а училиштата и многу работни места беа затворени по земјотресот.

Епицентарот на земјотресот се наоѓал на околу 18 километри јужно од градот Хуалиен.