Голема трагедија утрово ја разбуди цела Македонија и ја зави во црно. 46 лица го загубија животот на пат од Турција кон Македонија.
Трагедијата во која се запали македонски автобус на автопатот „Струма“ во Бугарија се случила околу 3 часот утрово.
Во автобусот патувале 52 лица на релација Истанбул-Скопје. Меѓу загинатите имало и малолетници, а загинал и возачот. Преживеаните лица се сместени во болницата „Пирогов“ во Софија.
Малку после полноќ, автобусот, кој бил последен во колоната, запрел на бензинска пумпа кај Софија, по што го продолжил патот, за еден час подоцна да се случи несреќата.
Локалните власти кои ја истражуваат несреќата велат дека најверојатната причина е човечка грешка или техничка неисправност. Тие засега не можат да потврдат дали автобусот прво удрил во оградата, па се запалил или претходно настанал пожар во него.
Според првите информации, автобусот е на фирмата „Беса транс“, регистрирана во село Рашче, Општина Сарај.