„Вакво нешто досега не сум видел“, со овие зборови бугарскиот министер за внатрешни работи Бојко Рашков ја опиша целата страшна слика на местото на несреќата, на кое и тој дојде рано утрово.
Министерот рече дека полицијата ги презема сите потребни мерки поврзани со несреќата, како и во однос на регулирањето на сообраќајот на оваа патна делница.
– Ги молам граѓаните што патуваат да го имаат тоа предвид и да имаат разбирање, изјави Рашков.
-Телата се изгорени до непрепознатливост. Останува да видиме дали на автопатот има косини кои отстапуваат од дозволенoто, рече Рашков.
-Во оваа фаза може да се претпоставува дека причината за несреќата може да е човечка грешка или техничка неисправност, изјави директорот на Националната служба за безбедност Борислав Сарафов .
Автобусот скинал околу 50 метри од заштитната ограда, изјави градоначалникот на Перник Станислав Владимиров пред новинарите во близина на местото на несреќата, во која загинаа 46 лица.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Владимиров, делницата е влажна. Причините за несреќата можат да бидат многу.
Патот е влажен. Овој дел има многу голема надолнина. Од вчера врне слаб дожд. Не може да се каже дали причината е лошото време, но причините може да бидат многу, рече Владимиров.
Според градоначалникот на Перник, на овој дел од патот често се случуваат несреќи. Оваа рута е една од најтешките во Бугарија, има огромна денивелација, и голема концентрација на сообраќај.