Најмалку десет лица загинаа, а 45 се повредени во косовскиот автобус кој излета на автопатот А3 кај Славонски Брод рано утрово, објави хрватската полиција.

Туристичката агенција што го организираше патувањето е Дева Турс, која организира патувања на релација Германија – Косово – Албанија со седиште во Франкфурт.

Хрватскиот портал 24Сата објави разговор со сопственикот на агенцијата:

– Господине, сега патувам и не можам да кажам ништо, ни рече со сериозен глас.

На прашањето дали има каква било информација, тој одговори не. Кога го прашавме дали знае дека загинале намалку 10 лица, тој рекол:

– Од каде го добивте тоа? – прашал сопственикот на агенцијата.

Од порталот 24Сата одговориле дека станува збор за официјални полициски податоци.

– Не знам ништо, немам никакви информации. Пазете какви информации објавувате, бидете свесни што правите, рекол сопственикот и го затворил повикот.

Директорот на бродската болница, др. Јосип Самарџиќ изјави дека од утрово во болницата се примени 45 лица, кои побарале медицинска помош по тешката несреќа на автопатот кај Славонски Брод, а осуммина од нив биле сериозно повредени.

Хрватските медиуми претходно објавија дека возачите на автобусот одморале по Брегана половина час. Потоа се замениле. Се претпоставува дека несреќата е предизвикана од замор на возачот. За жал, меѓу загинатите бил и „вториот“ возач, кој не го возел автобусот во тоа време.

Конвојот со автомобили во правец на Загреб е долг неколку километри, возилата се насочуваат кон споредниот пат и кон источниот излез.