По денешната верификација на мандатите на пратениците во новиот собраниски состав општина Сарај ќе избира нов градоначалник, затоа што Блерим Беџети од ДУИ не го прифатија пратеничкиот мандат.

Градоначалникот на Општина Сарај и актуелен организациски секретар на ДУИ, Блерим Беџети, соопшти дека градоначалничката фотелја ќе ја замени за пратеничка во Собранието.

Тој на социјалната мрежа Фејсбук објави статус во кој вели дека отсега ќе делува како пратеник во Собранието на Република Македонија и дека ќе биде гласот на волјата на народот.

„Од денеска започнува моето ново патување како пратеник во Собранието. Ветувам дека ќе бидам гласот на волјата на народот и ќе докажам дека легитимитетот на албанскиот глас му припаѓа на Европскиот фронт. Продолжуваме обединети за европска држава и подобар економски развој“, напиша Беџети на Фејсбук.

Тој беше пратеник од 2006 до 2009, а и министер за правда во периодот 2011-2014 година.

Дека има неспоивост на функцијата пратеник и градоначалник јасно е напишано во членот 8 од Изборниот законик.

Македонија веќе има искуство со организирање предвремени избори за градоначалници. Во декември 2020 година се бираа градоначалници на Штип и Пласница, кога тогашниот штипски градоначалник Благој Бочварски стана министер за транспорт и врски, а Исмаил Јахоски од Пласница стана пратеник од ДУИ.

Во 2019 година со претседателските се организираа предвремени избори за градоначалници во три општини. Во Охрид и Дебар поради смрт на дотогашните градоначалници – Јован Стојаноски и Ружди Љата, и во Ново Село поради оставката на Боро Стојчев кој беше осуден на затворска казна за обид за шверц на цигари.