Велешанецот Боре Видевски негира вина дека бил инволвиран во грабнувањето и убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски. Во очекување на обвинението за случајот која ја потресе земјата, Видевски го сменил исказот, иако првично кога беше приведен заедно со другите осомничени Влатко Кешишов и Велибор Манев пред органите за прогон го тврдеше спротивното. Ова за Телма го потврди неговиот адвокат Бојан Манев по денешната јавна седница во Врховниот каде се жалеа за притворот на Видевски.

„Обвинетиот во исказ пред јавното обвинителство целосно го негираше постоењето на двете кривични дела и на убиството на Панче Жежовски и на убиството на девојчето во Скопје и по направениот увид во јавното обвинителство ќе доставиме соодветни докази кои ќе го потврдат неговото тврдење “, вели Манев.

Видевски во највисокиот суд бараше да му се определи куќен притвор, бидејќи немало основи да биде држен во затворот во Шуто Оризари.

„При завршена истражна постапка овдека не може да стане збор дека обвинетиот би бегал од државава затоа што и нема пасош за да може да избега, а не може ниту да влијае на сведоци, ниту да попречува истрага, ниту пак да го повтори кривичното дело“, додаде Манев.

Видевски беше краток во своето излагање пред судот и само кажа дека се согласува со кажаното на неговиот адвокат и дека нема ништо друго што да додаде. Врховен суд ја одби жалбата и тој останува во притвор.

Во меѓувреме во обвинителството се врши увид во доказите кои тие ги имаат за случајот.Владимир Туфегџиќ адвокатот на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски за Телма потврди дека денеска од страна на обвинителството во електронска форма му биле доставени доказите прибавени во текот на истражната постапка и бил дозволен увид во исказите на осомничените и сведоците.

„Како бранител ставив забелешка и побарав копија од исказите на осомничените бидејќи сметам дека во ваков комплексен предмет каде што исказите на осомничените и сведоците се дадени на повеќе десетици страни е крајно несоодветно, спротивно на законот и непрофесионално да се даде одбрана само врз основа на извршен увид во списите на предметот“, вели Туфегџиќ.

Тој додава дека очекува обвинителството да ја прифати забелешката и ќе овозможи целосна копија и препис од сите списи. За други детали од извршениот увид, Туфегџиќ вели дека не може да коментира, бидејќи е потпишана изјава за доверливост.

Ѓорчевски е осомничен дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка, односно давал информации за нејзиното движење. Тој тврди дека е невин, а казната за кривичното дело за кое се товари е до 10 години затвор.

Кога беа приведени Видевски, Кешишов и Манев признаа вина и ја одведоа полицијата до местата каде што биле закопани жртвите. Како организатор на грабнувањата и извршител на убиствата тие го посочија Љупчо Палевски Палчо, кој беше уапсен во Турција и екстрадиран во земјава.

Стефан Димковски кој го превезе Палевски од Белград до Турција е осомничен за помагање по извршеното кривично дело. Тој тврди дека е невин и дека кога го возел Палевски не знаел дека полицијата е во потрага по него.

По поднесувањето на обвинителниот акт, обвинетите имаат 8 дена за приговор. Ако не поднесат приговор, тогаш судот го одобрува, а рочиште ќе треба да се закаже за 30 дена. За обвинение против Палевски ќе се почека, бидејќи истрагата за него започна кога тој стапна на македонско тло, а може да трае максимум 6 месеци.