Во крвавата пресметка што се случи меѓу петокот и саботата во Асперг, Германија, загина еден млад човек (18), додека друг е тешко повреден. За ова дело уапсен е Амер С., по потекло од Србија, син на локален бизнисмен, јавува Билд, пренесуваат српските медиуми.

Германските медиуми јавуваат дека престрелката се случила на паркинг, а ја пријавиле жители. Полицијата веднаш излегла на местото на настанот и затекнала страшна глетка: таму лежеле двајца осумнаесетгодишници – едниот тешко повреден, другиот веќе мртов. Повредениот млад човек веднаш бил пренесен во болница.

Употребен е и хеликоптер

По убиството, полицискиот штаб формираше специјална комисија наречена „Гето“. Околу 40 полицајци со експерти од Државната криминалистичка полиција Баден-Виртемберг отворија истрага во сите правци. Во потрагата бил употребен и хеликоптер.

Се испоставило дека тоа дало резултати, а осомничениот, како што пренесува Билд, бил уапсен во саботата вечерта. Станува збор за човек по потекло од Србија, а неговото апсење беше како нешто од филмовите.

Се вели дека специјалците го уапсиле осомничениот во долна облека откако упаднале во неговиот дом.

– Од удар на блиндиран автомобил била пробиена влезната врата од луксузниот семеен имот – пренесува „Билд“, кој ја објави и информацијата дека уапсениот е Амер С, по потекло од Србија, син на локален бизнисмен.

Мотивот непознат

Се уште се нејасни околностите и мотивот на злосторството, се вели во полициското соопштение.

Градоначалникот на Асперг, Кристијан Ајбергер, рече дека населението на градот е во шок по злосторството.

– Ова е нова димензија на насилство што не можев да ја замислам. Местото на злосторството се наоѓа во центарот на градот и не беше познато како типично место за средба на младите. Сега е важно да се врати чувството на сигурност кај луѓето – рече Ајбергер.