Во кругот на некогашната фабрика „Треска“, изминатиов период интензивно се работи на рушење на поранешните фабрички погони и се подготвува простор за во иднина да се градат нови згради.

Откако најпрво се отстрануваа крововите на фабричките погони, дел од објектите сега се потполно срушени, а со багери градежниот шут се товари во камиони и се изнесува надвор од фабриката.

Инаку, рушењето на објектите во кругот на фабриката „Треска“ се одвива веќе неколку години наназад, но сега веќе е видливо дека теренот е целосно расчистен.

При почетокот на рушењето на објектите, Општина Центар соопшти дека започнало чистењето на старите објекти, откако самите локални власти ги одобриле дел од барањата за издавање решенија за нивно отстранување.

Loading...

Од Општина Центар тогаш рекоа дека по пожарот кој го зафати овој простор, локацијата „Треска“ била претворена во нелегална депонија, а дел од објектите имале и азбест кој негативно влијаел врз здравјето на граѓаните.

Инаку, во кругот на фабриката „Треска“ се случија два пожара, и тоа првиот во септември 2021 година, додека вториот поголем инцидент беше на 14 април 2022 година, кога интервенираа бројни противпожарни возила и пожарникари за да ги изгаснат отровните пламени јазици.

Loading...