Цените на маслиновото масло вртоглаво растат. На грчките полици е поскапо за речиси 11 отсто од лани, а не е подобра состојбата ниту на српскиот пазар. Многу Срби кои летуваат во Грција по враќањето се одлучуваат да купат маслиново масло за залиха, бидејќи таму е поевтино отколку во Србија.
Грците, сепак, не би се согласиле дека е толку евтино. Напротив, според грчкиот Си-Ен-Ен, оваа година треба да го платат овој производ „како да е од злато“. Цената на грчкото маслиново масло вртоглаво порасна. Според CNN, просечните цени на производителите на екстра девственото маслиново масло во Европската унија во средината на јули значително надминале 6,5 евра за литар, додека просечната цена во Грција била меѓу 7,2 и 7,5 евра. Сега веќе цените скокнаа на околу 8 евра, а се очекува понатамошен раст.
Што се однесува до цените во грчките супермаркети, според податоците на грчкиот институт за статистика, цените на маслиновото масло за една година пораснале за 10,6 отсто. Во Грција може да се најде за 6,5 евра за литар до 14 во зависност од марката и типот.
А колку чини маслиновото масло во Србија?
Еден литар маслиново масло во српските продавници тешко може да се најде под 845 динари (околу 7 евра), а цените достигнуваат и до 2.400 динари (околу 20 евра). Затоа, може да се заклучи дека маслиновото масло на грчките полици е сепак поевтино отколку на српските, иако малку.
Сепак, намалувањето на цената не е на повидок. Пазарните играчи не гледаат дека нагорната траекторија ќе заврши во скоро време, бидејќи овогодинешното производство во Грција, Италија, Шпанија и Турција е намалено. Недостигот од залихи и сушата забележана во земјите производители се исто така дел од факторите кои го загрозуваат паричникот на потрошувачот.
Згора на тоа, Шпанците веќе истакнаа дека овој медитерански производ може да стане луксуз. Стандарден литар кој чинеше околу 5 евра сега е околу 10 евра.
Значи, јасно е дека за купување на овој производ повеќе вреди да се чекаат попусти или да не се заборави на овој „сувенир“ при враќањето од одмор за да се заштедат неколку динари.