Расте бројот на респираторни инфекции (кои се нетипични за овој временски период), пациенти со бактериски инфекции, микоплазми, легионели, гнојни ангини, бележат матичните лекари. Високите температури на кои сведочиме деновиве и конзумирањето студена храна, пијалоци и сладоледи го зголеми бројот на пациенти со гнојни ангини и висока температура кај детската популација, но и кај возрасните. Веќе неколку месеци матичните лекари се соочуваат со недостаток на соодветен антибиотик во аптеките, објави телевизија ТЕЛМА.
„Оспенот е еден од тие антибиотици. Ги нема таблетите Оспен, го нема сирупот за деца Оспен. За гнојна ангина кај луѓе кои можат да примаат пеницилински препарат, тој според сите насоки е лек од избор, а ние веќе од крајот на април, месец мај, еве веќе три месеци по ред го немаме тој лек. Но, лошото е дека и детските сирупи стануваат дефицитарни: сирупот Зинат, во последниот период гледам во подрачјето на Аеродром, во аптекитете го нема и сирупот Лекоклар, а тој е тој што делува на микоплазмите и легионелите кои се чести кај дечињата во овој временски период“, изјава д-р Драган Ѓорѓиевски, претседател на Здружението на општи и семејни лекари.
За овие и за неколку други лекови во моментот на пазарот е достапнa замена од други производители, велат од Агенцијата за лекови и медицински средства и од Министерство за здравство ,кои ја следат состојбата и согласно законските можности преземаат соодветни мерки.
„Агенцијата за лекови и медицински средства во рамките на своите надлежности, постојано прави напори за обезбедување на потребната антибиотската терапија и во таа насока во интензивна комуникација со добавувачот на лекот, во моментот е обезбедена количина од лекот Оспен која ќе биде достапна во аптеките во наредните неколку дена. За останатите генерики на лекови, согласно известувањето од носителот на одобренијата за ставање во промет на лековите Лекоклар гранули за перорална суспензија и Зинат гранули за перорална суспензија, лековите се дефицитарни заради проблем со производството, како во Р. Северна Македонија така и во регионот“, информираат од Агенцијатаза лекови и медицински средства.
Според носителот на одобрение Лек Скопје ДООЕЛ треба да се има предвид дека производството на лекови е комплексен процес во кој понекогаш се вклучени и до 350 компоненти. Во интерес на пациентите е да се обезбеди бескомпромисен квалитет и достапност на сите компоненти навреме, но за некои од нив времето на испорака е дури и до 1-1,5 година.