Четири лица загинаа, а неколку се тешко повредени во судир меѓу патничко комбе и камион, што се случи утрово околу 6,20 часот на главниот пат Шабац-Крупањ кај градот Текериш, објавуваат српските медиуми.

Несреќата најверојатно се случила затоа што возачот на комбето што превезувал берачи на јагоди, вклучувајќи се од споредниот пат од правецот на Лозница не запрел на знакот за застанување, па камион кој се движел по патот од Шабац кон Крупањ удрил во него, пренесуваат медиумите.

Тројца работници во комбето и возачот починале на самото место, додека четворица од нив биле пренесени во болница со тешки телесни повреди.

Меѓу жртвите има и брачна двојка, родители на четири деца, од кои сопругот е починат, а сопругата е тешко повредена, јавува репортерот на К1.

Полицијата спроведува истрага, а сообраќајот на овој дел од патот е во прекин.