Странски турист во Солун e приклучен на апарати, a во Грција влегол со негативен тест.

За овој случај информираше директорот на Одделот за интензивна нега во болницата „Папаниколау” во Солун Никос Каправелос. Тој рече дека станува збор за 65-годишен турист.

Странски турист, кој во саботата пристигнал во Солун со негативен тест, од вчера е хоспитализиран и приклучен на апарати на Одделот за интензивна нега во солунска болница, откако ги игнорирал првите симптоми на Ковид-19 и му се влошила состојбата, јави дописничката на МИА од Атина.

„Вчера на одделот за интензивна нега примивме турист од странска земја кој на 29 мај, во саботата пристигна во Солун со негативен тест од 72 часа. Истиот ден имаше симптоми, не кажал на никој, ситуацијата му се влошила во неделата и понеделникот, а во вторникот доцна вечер дојде во болницата „Папаниколау“ во тешка ситуација, беше приклучен на апарати и сега е хоспитализиран на Одделот за интензивна нега“, рече доктор Каправелос за државната телевизија „ЕРТ“.

За грчката телевизија „Скај“, објасни дека туристот не бил вакциниран, неговото семејство минатиот месец прележало коронавирус. Вели дека треба да се истражи со каков тест пристигнал, но и дали бил претходно заразен, пред патувањето во Грција.