Во трагедијата што се случи во четвртокот вечерта во Лесковац, загина 21-годишна девојка, студентка на Универзитетот во Белград, јавуваат утрово српските медиуми.
Тешка трагедија се случила на раскрсницата од улиците Светолијска и Милош Обилиќ, пишува Југмедиа.
Девојката свртела десно со својот велосипед, како и камионџијата кој ја удрил со задното десно тркало. Таа починала во возило на брза помош на пат кон болница.
– Се случи голема трагедија. Ниту велосипедистот ниту камионџијата не возеле брзо, напротив. Возачот не бил под дејство на алкохол. Едноставно, се случи сообраќајна несреќа во која се загуби млад живот, вели соговорникот на Југмедиа.
Тој ги негира наводните тврдења на очевидци дека по падот девојката била прегазена од камионот со сите четири тркала.
-Тоа е целосно неточно, апсолутна лага. Трагедија е и тага за секој изгубен живот, за секоја скршена нога, но најголема трагедија е кога ќе загине човек пред кој има цел живот.
На местото на страотниот инцидент остана камион, а до десното тркало искршен велосипед. Жителите од околните куќи истакнуваат дека на таа раскрсница често се случуваат несреќи, но дека ова е прв случај со смртен исход.