Испадите во електроенергетскиот систем претставуваат сериозна закана по електричните уреди, кои можат да откажат по доаѓањето на струјата поради струјните шокови што ги претрпуваат.
Телевизорите, климите, фрижидерите, но и водните пумпи најчесто можат да прегорат токму кога по прекинот во снабдувањето со електрична енергија ќе дојде до повторно вклучување на струјата, па уредите што останале вклучени се под ризик да прегорат.
Понекогаш се случува и кратко време по доаѓањето на струјата да дојде до нов прекин, па пак да се пушти што уште повеќе ја зголемува можноста за прегорување на уредите.
Дополнителен проблем е што домашните осигурителни компании во своето портфолио на работење не осигуруваат оштетувања на апаратите за домаќинство во случај на струен шок.
– Не ги осигуруваме овие уреди во домаќинствата, туку нудиме осигурување само за машини вклучени во производствениот процес во компаниите – велат од една осигурителна куќа.
И од сервисите за бела техника не ги поправаат бесплатно уредите што настрадале од струен удар, без оглед што се под гаранција.
– Апаратите што се расипале од струен удар не подложат на бесплатна поправка, иако гаранцијата им важи. Во секоја гаранција точно е наведено што е покриено со неа, но струјниот удар не е опфатен, така што поправката ќе мора да се плати – велат од сервисите за бела техника.