Турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган оцени дека руската воена интервенција во Украина е тежок удар за мирот, просперитетот и стабилноста на регионот, јавува Анадолија.

Ердоган денеска претседаваше со состанокот на Советот за безбедност на Турција во Претседателската палата во Анкара, на кој главна тема беше руската воена операција во Украина, која утрово започна со одлука на рускиот претседател Владимир Путин.

Ердоган рече дека штотуку разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски, при што дискутирале за допреле најновата ситуација по рускиот напад на Украина.

– Турција ја поддржува борбата на Украина за заштита на својот територијален интегритет, а тоа и му го кажав на Зеленски, со кого штотуку разговарав, рече Ердоган.

Тој уште еднаш повика да се реши проблемот меѓу Русија и Украина преку дијалог во рамките на Договорите од Минск.

– Овој чекор (рускиот напад), кој го сметаме за кршење на меѓународното право, е тежок удар за мирот, просперитетот и стабилноста во регионот. Ја отфрламе воената операција што Русија ја започна во Украина и ја сметаме за неприфатлива, подвлече Ердоган.

Тој нагласи дека неговата земја ќе направи се што е потребно за да ја обезбеди безбедноста на сите луѓе кои живеат во Украина, особено на нејзините граѓани и, како што рече, на браќата Татари.