Сведокот Ламбе Бучков, пријател на Љупчо Палевски – Палчо, во своето сведочење откри дека имал финансиски односи со првообвинетиот, како и информации за неговото поседување на оружје.
„Сме си позајмувале пари, а сè уште 15 илјади евра ми должи,“ изјави Бучков. Освен тоа, тој спомена дека Палчо поседувал повеќе пиштоли. „Ми кажувал дека има повеќе видови на оружје, но јас никогаш не сум го видел. Само знам дека има,“ додаде тој.
Бучков истакна дека по објавувањето на информациите за случајот, сам се јавил во полиција за да понуди помош. „Јас се јавив во полиција и ги известив дека, доколку ги интересира нешто, можам да им го донесам Палчо. Но, никој од полицијата не ми се јави,“ рече тој.
Тој, исто така, тврди дека бил под надзор веќе шест месеци. „Шест месеци мене некој ме следи и ме прати, дури и по базни станици,“ изјави Бучков.
„Палчо на 28 ноември пристигна кај мене со бел пикап, забележав вдлабнатина на возачката врата“, рече во судница сведокот Ерол Османи
На денешното ново судско рочиште за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во скопскиот Кривичен суд прв сведочеше Ерол Османи, предложен од обвинителството.
Османи, кој го познавал Палевски речиси 25 години сведочеше за нивната комуникација и средби, вклучувајќи детали за возилото и неговите активности на деновите поврзани со случајот.
„Му помагав на Палчо во издавањето на весникот ‘Глобал’. Бев повикан од уредници да помогнам бидејќи не одеше како што треба. Имам познавања од мрежи и компјутери,“ изјави Османи.
На прашање од Обвинителството за средбата на 28 ноември минатата година, Османи објасни дека Палчо му се јавил претходниот ден и ја одложил посетата заради настинка.
„Ми рече дека е настинат и не можел да дојде на 27-ми“ рече Османи.
Според него, Палчо пристигнал кај него на 28-ми ноември (ден после грабнувањето на Вања) со бело возило. Требало да му го поправи котелот за палети и рече дека се однесувал нормално.
„Беше некое пикап бело, мислам француско возило. Забележав вдлабнатина на возачката врата,“ додаде тој.
На прашањето од јавниот обвинител дали Палчо некогаш доаѓал со оружје, Османи одговори: „Не.“
Османи истакна дека нивната комуникација обично се одвивала преку телефон или Фејсбук, месинџер, бидејќи Палчо често не одговарал на телефонските повици.
Во своето сведочење, Османи ги спомена и здравствените проблеми на Палчо, истакнувајќи дека знаел за неговите проблеми со кичмата.
„Знам дека имаше последните две години проблем со кичмата, но не ми спомена дека планира патување и лекување,“ рече Османи.
Во вкрстеното испрашување Османи потврди дека на 28-ми ноември имал комуникација со Палевски.
„Во 11:42 ми потврди дека ќе дојде. Ми рече дека е на подкаст во живо, ќе ја земе ќерка му од Алкалоид и потоа ќе дојде кај мене,“ објасни Османи.