Денеска (14.05.2024) во 12.30 во СВР Скопје било пријавено дека во с.Стајковци, скопско, на тераса и на скали во домот со повреди на главата биле пронајдени С.К. (57) и нејзиниот девер В.К. (64).

Лекар од Итна медицинска помош на местото констатирал смрт кај С.К., додека В.К. со повреди бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде што во 14.00 часот починал.

Полициски службеници од Полициската станица Гази Баба и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје со убодни рани го пронашле и Љ.К.(67), брат на В.К., кој имал здравствени проблеми и за кој постои сомнение дека е сторител на убиството.

Тој, исто така, е пренесен во медицинска установа за укажување помош. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Сведоштва на жители на Стајковци

– Беа мирни и питоми луѓе, што и како се случувало помеѓу нив, јас лично не знаев. А, ова што се случило е жалосно и трагедија голема. Немам зборови како да го опишам. Отпосле кога слушнавме што и како, касно беше за се, вели еден жител на Стајковци.

– Моментално доаѓав од главната улица, иде продавачката и ми вика застани. Прашав што е работата. Види таму на тој Љубе рацете му биле цели во крв. Во меѓувреме дојде и тој комшијата и отидовме да видиме, што ќе видиш… Во меѓувреме повикаа и дојде полиција, ама нешто збореа дека имал и оружје. Јас појдов со полицајците натаму. Они не смеат нормално, може и од прозор ќе пука. Он не е толку моќен, ама со цевка им ги нанел повредите на жртвите, вели за Телма друг жител на Стајковци.

СЕ ОГЛАСИЈА ОД ОЈО: Сторителот си го убил братот и сопругата на другиот брат

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, заедно со инспектори и увидна екипа на МВР и тим од обдуценти од Институтот за судска медицина, извршија увид на лице место во семејна куќа во селото Стајковци каде попладнево едно лице ги лишило од живот сопствениот брат и сопругата на другиот брат, кој претходно бил починат.

Причините се утврдуваат. Сторителот е идентификуван и обезбеден. Тој е хоспитализиран со повреди.

Обезбедени се траги на лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, а по наредба на јавниот обвинител телата на починатите ќе бидат дадени на обдукција.