– Битолчанката Андријана Митревска или како сите милувавме да ја нарекуваме Ани, на 35 годишна возраст ја загуби битката со опасната болест, ракот. Утрово престана да чука срцето на нашата сограѓанка која по трет пат се бореше со опаката болест. Пред само две недели во Битола беше одржан хуманитарен концерт на кој собраните средства беа донирани за лекување на Ани. Нејзините пријатели имаа една цел да се врати насмевката на лицето на оваа наша млада девојка, објави вчера локалниот портал Апла.

Во 2016 година, Ани помина низ две операции и осум циклуси хемотерапии поради рак на дојка, а во 2018 година таа повторно се соочи со рак на дојка, плус рак на јајникот и мораше да помине низ шест циклуси хемотерапии.

За жал, оваа млада девојка не успеа да го премости последниот предизвик. Ани ќе остане во сеќавање на битолчани како млада и храбра девојка која своето искуство со болеста несебично го споделуваше и им помагаше на многумина кои се соочуваа со овој здравствен проблем, организирајќи хуманитарни настани за купување на лекови или помош за други трошоци при лекувањето.