Од рак на дојка почина македонската докторка Марија Бунда Калпак. Оваа млада сопруга и мајка, инаку дерматолог по професија, уживаше голема популарност и поддршка од јавноста откако одлучи да ги сподели најважните работи што ги научила од оваа битка.

-После прекинот на доењето со моето второ дете ми се појави „грутка“ во левата града, но мислев дека не е ништо. Како и да е, отидов на преглед затоа што грутката се зголемуваше и почна да ме боли. Направив ехо кај доктор што нема да го споменувам и бев уверена дека се’ е во ред.

Си реков: „Ова е само густо масно ткиво!“. Е, тука е мојата најголема грешка, што сликите од ехото не ги покажав на мајка ми. Мајка ми е инаку радиолог на дојки во Англија и е ментор на спезијализанти од Кембриџ. Не ѝ кажав за сето ова, дури по два месеци кога навистина почна да се зголемува и сериозно се загрижив. Итно направивме магнет со контраст на дојка и тогаш ги слушнав најлошите зборови во 2020 година, од мајка ми: „Марија ова изгледа малигно. После тоа веднаш направивме биопсија за да се одреди каков вид на карцином е. Мојот беше Естроген позитивен, Хер негативен. И тоа претставуваше почеток на најлошата недела во мојот живот-неверување, страв, обвинување“, раскажа Марија пред две години.

На нејзиниот профил на „Инстаграм“ на кој има 12.000 следбеници веќе осамнаа коментари со сочуство. Тажната вест ја сподели и познатата македонска дизајнерка Маја Кикириткова.